Бисмиллах...

Писмо на Хасан ел Басри до халифот Омер ибн Абдулазиз

Халифот Омер ибн Абдулазиз побарал од Хасан да му даде совет и, задоволувајќи му ја желбата, му рекол: – Владетелу на верните! Она што било – како да не било! А она што ќе дојде – небаре веќе е! Знај, владетелу на верните, дека е прекрасен вкусот на она што доаѓа по воздржувањето, па дури и да ја вкусиш горчината на тоа воздржување! А вкусот на убавиот крај е најпријатен. Последица на задоволувањето на лакомостите на телото е, секако, горчлива и таа неминовно ќе дојде дури и за миг да ја вкусиш сласта од тоа. А крајниот исход на сето тоа ќе биде смртен за оној што ќе ги слуша своите страсти.

Знај, владетелу на верните, дека ќе се спаси само оној кој ќе се зачува од гревот и добро ќе внимава да го добие спасението во вечната куќа. Тој ќе ја заслужи и милоста на Аллах и ќе биде внесен во Рајот.

Владетелу на верните! Овој свет е куќа на пакост од која мора да се селиме во куќата на постојаното живеење. Адем (Адам) е изведен на Земјата да живее на неа за да ја издржи казната за извршениот грев. Затоа, биди претпазлив кон овој свет! Бидејќи и вљубените во него ќе мораат да го остават. Богатиот на него е вистински сиромав, а среќен е оној што не му се препушта. Овој свет го искушувал искусниот и умниот и открил дека тој го понижува оној кој го става над сѐ друго. А го разделува оној што го собира од она што го собрал.

Овој свет е како отров: го зема оној кој не го познава и настојува целосно да му се доближи бидејќи не ја знае неговата опасност, а се колнам во Аллах дека тој него го усмртува. Затоа, владетелу, биди на него како оној што ги лекува раните свои! Ако само малку се стрпиш, ќе го постигнеш она што трае вечно! Умен е оној кој се варди од овој свет и не се залажува со неговите убавини. Тој знае дека светот е сличен на вешт и опасен измамник кој им се нуди на сите и се наконтува за да може повеќе да им се допадне на своите додворувачи, токму како невеста во која гледаат сите очи и во која сите срца се вљубени. Се колнам во Оној Кој со Вистината го испратил Мухамед, овој свет е убиец на своите вљубеници. Затоа, владетелу на верните, варди се и тебе да не те кутне и биди претпазлив да не се лизнеш! Изобилството на овој свет донесува несреќа и големо искушение, а врзувањето за него неминовно води во пропаст. Знај, владетелу, дека неговите ветувања се лажни надевања, бистрината – матност, а животот негов – вистинска мачнина. Ќе успее само оној што ќе го остави, а ќе пропадне оној што ќе го прифати.

Разумен и мудар е оној што се плаши од она со што го застрашува Возвишениот Аллах, а претпазлив е во она од што мора да се биде претпазлив, како и оној што добро пресметал дека неминовно настапува заминувањето од минливата во вечната куќа. Во тоа подоцна ќе се увери секој човек и во тоа цврсто ќе верува.

Се колнам во Аллах, овој свет е куќа во која се издржува казна. Нему му се препушта само оној што нема ум и тој го собира. Од него е воодушевен оној што нема знаење. Разумен и мудар е оној кој со него ги лекува раните свои поднесувајќи ја горчливоста на лекот со надеж за скоро излекување и оној што се плаши од лошиот крај.

Овој свет е сон, идниот свет е јаве. Нив само смртта ги дели. Меѓутоа, луѓето им се препуштени на своите збркани сни.

Владетелу на верните! Јас само велам како што рекол еден мудрец: „Ако се спасиш од овој свет, си се спасил од секоја несреќа а ако, пак, не можеш да се спасиш, не те вбројувам во спасените.“ Кога ја примил Хасановата книга, Омер ибн Абдулазиз толку гласно заплакал што и сите присутни ги расплакал. Потоа рекол: „Возвишениот Аллах нека му се смилува на Хасан! Тој постојано нѐ учи барајќи да бидеме будни и да ја оставиме небрежноста. Прекрасен ли е советот, искрен и јасен!“ А тогаш му напишал на Хасан: „Добив од тебе корисни совети и упатства. На душата ѝ беа лек, Ти навистина точно го опиша овој свет. Бидејќи во него е умен оној што живее во постојан страв небаре сите суштества на него веќе одамна изумреле. Нека биде Аллаховиот мир врз тебе, како и милоста и благословот!“ А Хасан вака ги образложил зборовите на Халифот: – Прекрасен е владетелот кој ја зборува вистината и ги прима советите! Со него Возвишениот Аллах ја усреќил заедницата на муслиманите и им ја дополнил благодатта и на сите жители на исламската држава им ја дарувал милоста своја.

А потоа повторно му напишал на Халифот: – Владетелу на верните, навистина пред тебе се најголемиот страв и страшниот настан! Тие ќе дојдат, нема сомнеж во тоа. Дури тогаш ти ќе видиш дали ќе бидеш спасен или упропастен. Варди се, владетелу, од она во што Возвишениот Аллах те направил господар над робовите Свои, да не бидеш како оној кому нешто му доверил неговиот господар: му го предал на чување богатството и имотот свој и имотот го растурил, а богатството го пуштил и така го осиромашил и него и неговото семејство. Знај дека Возвишениот Аллах им наредил на водачите кои ги поставил на тие позиции на која си и ти, да ги одвраќаат Неговите робови од лошите дела и да ги спречуваат во лошите постапки. А ако владетелите прават лоши дела и разврат, како ли ќе биде тогаш?! Покрај тоа им наредил да ја извршат казната врз оние кои ја заслужиле. Како ли ќе биде ако биде потребно владетелот да се казни?!

Сети се, владетелу на верните, кога ќе имаш малку приврзаници кај Создателот и Господарот на световите и малку помошници на Денот кога тој повторно ќе те оживее. Затоа, подготви се за таа средба, за Денот на најголемиот страв и за неизвесноста!

Знај, владетелу, дека имаш куќа, но не онаа во која сега живееш, туку онаа во која ќе живееш долго и во која пријателите ќе те остават сам. Подготви се добро за денот „кога човекот ќе побегне од брата си, и од мајка си, и од татка си, и од другарите свои и од синовите свои “ (Куран, 80:34-37) и сети се на Денот кога сите ќе бидат оживеани и кога на виделина ќе излезе она што го криеле во срцата, кога тајните ќе бидат откриени, книгата поделена, книгата која нема да го изостави ни малиот ни големиот грев, ќе наброи сѐ. Работи додека имаш време, пред да настапи смртта и да го прекине секое дело!

Варди се, владетелу на верните, да не им судиш на луѓето како што суделе паганите, или со нив да ги следиш патиштата на насилниците. Не товари им ги на слабите оние кои се горделиви, бидејќи горделивите не го почитуваат ни договорот ни заштитништво. Аллаховиот Пратеник рекол: „Кој ќе постави за намесник некој насилник или кој ќе го помогне во што и да е, го фрлил исламот зад грб.“

Плаши се од Аллах! Немој да ги земеш своите гревови и со нив, гревовите на другите, своите товари, и со нив, туѓите товари! Нека не те залажуваат оние кои се чувствувале пријатно во твојата беда и кои уживаат во доброто на твоја штета. Владетелу, не гледај ја денес својата сила, туку гледај во немоќта своја утре кога ќе бидеш фатен и врзан со јажето на смртта и донесен кај својот Создател и Господар во друштвото на ангелите и пратениците, кога сите луѓе ќе мораат да му бидат покорни на Живиот и Вечниот.

Јас, владетелу на верните, иако во својот совет не сум го постигнал степенот на умните пред мене, не сум скаперничел во давањето совети сочувствувајќи со тебе. Затоа, дај ѝ го на оваа моја книга местото што го заслужува. Сослушај ја нејзината порака како оној што со тоа сака да има полза. Горчливоста на лекот нека ти ја ублажи надежта во неговата ефикасност! Врз тебе нека биде мирот, милоста и благословот Аллахов!

Posted in Занимливости, Новости on Jun 25, 2023.

Последни новости

Рамазанот и нашите најмлади


Месецот рамазан треба да внесе радост во душите на нашите најмлади, тие да ја почувствуваат атмосферата на верба во Рамазан, доаѓањето на драгиот гостин, можноста да се натпреваруваат во правење добри...

Бериќетот на рамазан – нема ниту една дова што не е одговорена и ниту едно добро дело што не е прифатено.

Еден од најголемите мотиви што може да ни помогне максимално да го искористиме благословеното време на рамазан е чувството дека рамазанот е можност која можеби нема да ни се врати повторно, ниту пак ќ...