Бисмиллах...

Рамазанот ни чука на врата

Ако навистина сакаме да го искористике овој рамазан, крајно време е да се подготвиме за него. Да наброиме неколку важни ставки во подготовките за најомилениот месец, месецот на неизмерната Аллахова милост...

Доброволен пост

Како прво, ако ви преостануваат уште денови кои не сте ги испостиле, сега е шансата да го направите тоа. Најдобар начин да се подготвите за целиот месец на постот е да започнете што повеќе да постите, за да стекнете контрола над вашите постапки и желби. Пратеникот ﷺ рекол: „Секое човечко дело се наградува повеќекратно, секое добро дело се наградува десеткратно, до седумстотини пати. Возвишениот Аллах рекол: ,Освен постот, тој е Мој и јас наградувам за него. Мојот роб ги остава страстите и храната за Мене!‘ Постачот има две радости: првата кога ќе го прекине постот, а втората кога ќе го сретне својот Господар“. (Муслим) Аиша, Аллах нека е задоволен со неа, вели: „Пратеникот ﷺ постеше толку многу што ќе помислевме дека никогаш нема да јаде, а ќе јадеше толку многу што ќе помислевме дека никогаш нема да пости. Не видов дека Аллаховиот Пратеник ﷺ поминал цел месец во пост, освен во месецот рамазан, но исто така не видов дека пости повеќе во другите месеци отколку што постеше во месецот шабан!“ (Сахихул-Бухари, бр. 1969)

Повеќе дружење со Куранот

Од Ибн Месуд, Аллах нека е задоволен со него, пренесува дека Аллаховиот Пратеник ﷺ рекол: „Кој ќе рецитира една буква од Божјата книга, ќе има награда, а наградата се зголемува десеткратно. Не велам дека елиф-лам-мим е харф, туку елиф е харф, лам е харф и мим е харф.“ (Тирмизи) Нека рецитирањето на Куранот биде наша секојдневна пракса, во 24-те часа што ни ги дал Аллах, никој од нас не може да тврди дека нема барем неколку минути во денот за да помине време со Аллаховата книга, која на Судниот ден ќе биде посредник за оние кои ја рецитираат. Доказ за тоа е хадисот на Ебу Умаме, Аллах нека е задоволен со него, во кој Пратеникот ﷺ рекол: „Рецитирајте го Куранот, зашто тој навистина ќе дојде на Судниот ден како шефаџија (посредник) за оние кои го рецитирале.“ (Муслим)

Искрено покајание

Гревовите се тежина, горчина, несоница... а единствениот кој може да ни ги прости гревовите е Семоќниот Аллах, Кој ги сака оние кои се каат. Затоа, да се обратиме кон Него со искрена молитва и да бараме покајание. „Кажи: ,О, робови Мои кои кон себеси во гревовите претерувавте, не губете надеж во Аллаховата милост! Аллах, сигурно, сите гревови ќе ви ги прости; Тој, навистина, многу простува и Тој е Милостив.‘“ (Куран, 39:53) Пратеникот ﷺ рекол: „Кој прави многу истигфар, Аллах ќе му најде излез од секоја вознемиреност. Ќе му ги реши сите грижи и ќе го снабди од таму од каде што не очекува!“ (Муслим) Напишете список на работи што сакате да ги подобрите на себе и околу вас, трудете се колку што можете, искористете ги деновите и ноќите на рамазан за да истраете во молитвата и да се надевате на најдоброто од Семоќниот Аллах бидејќи Тој се срами да го врати Неговиот роб со празни раце.

Полесна, поздрава храна

Ајде да се обидеме да ги намалиме слатките, пржените, газираните работи... наместо тоа, да воведеме повеќе зеленчук, овошје и интегрални житарки. Да ја замениме нездравата храна со здрава која ќе ни даде сила и позитивно ќе влијае на нашиот имунитет и на целото тело. Оброците нека бидат доволни, наместо големи. Пратеникот ﷺ рекол: „Човекот не може да наполни полош сад од неговиот стомак. Доволни се неколку залаци за да му се исправи кичмата. А ако веќе треба да го полни, една третина нека наполни со храна, една третина со пијалаци, а една третина нека се остави за воздух.“ (Тирмизи)

Posted in Новости, Рамазан on Aug 23, 2024.

Последни новости

Рамазанот и нашите најмлади


Месецот рамазан треба да внесе радост во душите на нашите најмлади, тие да ја почувствуваат атмосферата на верба во Рамазан, доаѓањето на драгиот гостин, можноста да се натпреваруваат во правење добри...

Бериќетот на рамазан – нема ниту една дова што не е одговорена и ниту едно добро дело што не е прифатено.

Еден од најголемите мотиви што може да ни помогне максимално да го искористиме благословеното време на рамазан е чувството дека рамазанот е можност која можеби нема да ни се врати повторно, ниту пак ќ...