Бисмиллах...

Таа вечер се продадов!

Моето момче во тоа време беше едно од најзгодните во нашето училиште. Успешен спортист, две години постар од мене и потекнуваше од мошне богато семејство, што му даваше за право да биде мангуп и бунтовник без причина и како таков беше идеален за мојот принц на бел коњ. Она што тогаш не го знаев, а сега многу добро го знам, е дека овие принцови на бел коњ обично се оддалечуваат од тебе, пред да знаеш што те снашло. Она што тогаш го имав во мојата глава, дека после таа луда ноќ се ќе биде како во филмовите, дека ќе се сакаме засекогаш, дека ќе основаме семејство, ќе имаме бебе и ќе планираме заедничка иднина, сè падна во водата и стана илузија три дена по тоа „големо“ искуство што си го дозволив во животот.

Таа ноќ застанав пред него, таа ноќ му се предадов, на мојот принц, таа ноќ го дадов моето највредно нешто што го имам...не, не моето тело ако мислевте на тоа...таа ноќ Му го дадов МОЕТО СРЦЕ, МОИТЕ СОНИШТА...бидејќи го сакав, барем така мислев... бидејќи сите девојки на таа возраст и покрај страстите кои ги обземаат, најмногу влегуваат во сексуални односи со некого пред сè поради љубовта и огромната доверба што ја чувствуваат кон таа личност... безрезервно верувајќи дека овие чувства се обострани... и во најголем дел се измамени, но тогаш е доцна…

И како што се случува секогаш, само по неколку дена останав сама, без мојот принц кој си замина до следната принцеза, следната жртва, а претходно можев да се заколнам дека тој не е таков, типичен... тој беше нешто посебно нежен, чувствителен, полн со разбирање – тоа го видов со чувствата и опиеното срце, додека разумот ми беше заматен, а видот замаглен поради љубовта... но веќе беше доцна за мене... Поминаа години, јас ја научив лекцијата, лузната на моето срце беше преголема за да пребродам сè така лесно, оттогаш никогаш не дозволив ниту еден принц да влезе во мојот живот...сè додека не се свртев кон верата. Едно телевизиско шоу го сврте целиот мој живот, еден пример за покајание на жена блудничка и нејзината животна приказна ми ги отворија очите, ги размрсија, ми го разјаснија погледот за конечно да го погледнам светот реално, од земја, објективно. Сфатив каде имам згрешено, решив да се покајам кај Аллах, свртев нова страница во мојот живот... и колку е само благороден мојот Господар... Му го отворив срцето, му ги кажав моите гревови иако Тој ги знаеше и без мое признание.

И јас побарав прошка за мојата душа, за сето она што сум го направила во деновите на младешката опиеност, а Тој, Благородниот, Милостивиот, ги услиши моите молитви и ми испрати вистински принц на бел коњ, мојот сегашен сопруг, и не само тоа, нè благослови со два мали дара, две румени ќерки, две мамини принцези кои, ако даде Господ, ќе ги чекаат своите принцови како што е задоволен нивниот Господар и како што Тој им одредил. Денес се трудам да бидам добра сопруга на мојот сопруг и добра мајка на моите девојчиња...Немам можност да бидам добра ќерка на моите родители бидејќи тие веќе го напуштија овој свет и тоа ме прави многу тажна затоа што можев да бидам многу подобра кон нив...да не им нанесев толкава болка поради моите „младешки каприци“ и губењето на мојата невиност, затоа што тоа страшно ги погоди...да, тие знаеја за тоа, знаеше цела чаршија, затоа што во маалото ретко може нешто да остане скриено, па и овој мој случај дошол на ред на некоја седенка на која мојот некогашен принц се фалел како ја завел ќерката на тој и тој хаџија и како ѝ ја зел невиноста.

И така сето тоа дојде до татко ми, која беше многу повреден од ова сознание, а неговиот однос кон мене многу се промени од тој ден. Не, не ме искара, ниту ме тепаше, тој ден само молчеше и после тоа никогаш повеќе не беше како порано. Сега целосно го разбирам, тој беше потиштен од тоа, разочаран, бидејќи цел живот ме воспитуваше и ме подготвуваше за чесен живот, ме штитеше од очите на другите, инвестираше во мене, но немаше доволно сила за моите пубертетски каприци во тие години и јас едноставно го прегазив, останувајќи глува на неговите совети, опомени и предупредувања... и сега ми останува само горко каење и надеж дека Аллах ќе ми прости за оваа неправда.

Затоа, ја советувам секоја моја сестра муслиманка, која носи чесно име, потекнува од чесно семејство и која во исто време е фатена во ова лудило во времето во кое живееме, те советувам, сестро, да застанеш за момент, добро да размислиш, затоа што ова што ти се случува сега ти се чини убаво и „кул“ да имаш момче, да излегуваш по дискотеки, да се облекуваш заводливо, да се опиваш и потоа на крајот да ја изгубиш невиноста со некој што ќе те остави после три дена, а за еден месец ќе заборави дека воопшто постоиш на овој свет, тоа воопшто нема да го ублажи вкусот на жестокото каење и тага, депресија и болка што неизбежно ќе ти дојде во подоцнежниот период на твојот живот... ЗАПОМНИ ГО ДОБРО ТОА, затоа што ова ти го кажува некој кој веќе пиел од таа чаша, некој што ја поминал таа краткотрајна занесеност и „среќа“ на БЛУДОТ, затоа размисли добро пред да го направиш следниот чекор кон сето тоа.

Имај на ум дека штом еднаш чашата ќе се скрши, никогаш не може да биде како нова, колку и да ја разубавува и полира мајсторот, а ти имаш душа на која белегот останува до смртта... и добро знај дека Го имаш Господарот Кој те создал, Кој ти го подарил тоа тело, ти го дал во аманет, затоа внимавај како се однесуваш со него, затоа што ќе одговараш пред Него за своите постапки. Тој бдее над тебе од денот кога си дошла на овој свет и ништо од твоите делови не Му избегало.

Но, ако веќе сте заталкале, не губете надеж во Аллаховата милост, покајте се кај вашиот Создател и сменете го вашиот живот...набрзо потоа ќе почувствувате дека Аллах е прекрасен Господар и дека многу простува, бидејќи Тој нè создава и е помилостив кон нас отколку што сме ние милостиви кон себе.

Posted in Новости, Покајници on Aug 24, 2024.

Последни новости

Рамазанот и нашите најмлади


Месецот рамазан треба да внесе радост во душите на нашите најмлади, тие да ја почувствуваат атмосферата на верба во Рамазан, доаѓањето на драгиот гостин, можноста да се натпреваруваат во правење добри...

Бериќетот на рамазан – нема ниту една дова што не е одговорена и ниту едно добро дело што не е прифатено.

Еден од најголемите мотиви што може да ни помогне максимално да го искористиме благословеното време на рамазан е чувството дека рамазанот е можност која можеби нема да ни се врати повторно, ниту пак ќ...